Борисов и Вучиќ ќе им се придружат на Путин и Ердоган на пуштањето на Турски тек

441

Бугарскиот премиер Бојко Борисов и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе присуствуваат на церемонијата на започнувањето на експлоатацијата на гасоводот Турски тек во Истанбул, заедно со рускиот и турскиот челник Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, соопшти во вторникот кабинетот на турскиот претседател.

„По повод ставањето во функција на гасоводот Турски тек, преку кој рускиот гас ќе стане достапен во Турција и во земјите на Европа, на 8-ми јануари во Истанбул ќе се држи церемонија на којашто заедно со нашиот претседател ќе присуствуваат и претседателите на Русија и Србија, Владимир Путин и Александар Вучиќ, како и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов“, се наведува во соопштението.

Се додава дека Ердоган ќе има засебни билатерални средби со челниците на трите земји. Претходно само Кремљ објави конкретно дека Путин, кој е во првата посета на Дамаск од каде што ќе допатува во Истанбул, со Ердоган во текот на посетата ќе разговара за невралгичните точки како Сирија и Либија.

Турски тек има два паралелни цевководи, секој со капацитети од 15,75 милијариди кубни метри гас годишно. Првиот е наменет за снабдување на Турција, а другиот ќе продолжува кон Бугарија, Србија и Унгарија. Бугарија се надева дека ќе може да ѝ испорачува гас на Србија до мај и планира да ја заврши целата делница до крајот на оваа година.

Во неделата бугарската енергетска компанија „Булгантрансгаз“ објави дека Русија започнала од 1-ви јануари да испорачува природен гас за Бургарија, Грција и Македонија преку новиот гасовод Турски тек.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.