За разлика од своите бугарски колеги, ваква „привилегија“ немаа и македонските пратеници бидеќи Зоран Заев и Никола Димитров се уште го држат во строга тајност она што го договориле со Бојко Борисов и неговата влада. Прашањето кое повеќе од еден месец ја интересира јавноста е – зошто е сета оваа мистериозност?
-Соопштувањето сега на прецизни формулации може да влијае на консултациите. Она што можам да го кажам е дека и македонската страна и бугарската страна се раководеа од начелото „ако те уништам тебе, ќе се уништам и себе“, изјави Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Македонија.
Истиот момент откако се појави во јавноста информацијата дека Зоран Заев и Бојко Борисов се договориле за содржината на договорот меѓу нашите две земји, јавноста беше силно заинтересирана да дознае што се содржи овој фамозен договор во кој се третираат теми од „заедничката историја на Македонија и Бугарија“, како што ќе кажат преговарачите во процесот.
Заев во Софија најави и дека во иднина со Бугарите заеднички ќе славиме и празници како Илинден, за кога закажа доаѓање на Борисов во Македонија и потпишување на договорот – иако Бугарите никогаш досега во својата историја не го славеле Илинден.
Но, затоа пак славеле повеќе други празници поврзани со дејци и историски настани, како на пример славењето на Цар Самоил, кој за Бугарите е „Бугарски цар“, како што и пишува на споменикот пред кој се поклони Зоран Заев, постапка што од широката јавност во Македонија беше оценета како скандалозна.
Во периодот меѓу најавата за постоење договор и денес, се изнаслушавме десетици скандалозни изјави од официјални лица во Бугарија кои само ги повторија добропознатите националистички тези според кои македонска историја, нација и јазик – не постојат. Речиси истата група луѓе од друга страна зборува со хвалоспеви за Зоран Заев, како првиот македонски политичар кој „се вразумил“ според нивната номенклатура, или „излудел“ според номенклатурата на луѓето кои се грижат за македонските интереси.
Доколку тоа не може да се рече за содржината на договорот, која и не ја знаеме и може само да претпоставуваме зошто сите во Бугарија се задоволни од неа, вистинска лудост е истата да не се изложи и пред домашната експертска и поширока јавност, имајќи предвид дека се работи за многу деликатна тема во општ случај, како што е работата со историјата, посебно за историјата со сосед со кој имаме неколку спорни точки по тој однос.
Во меѓувреме, во Бугарија содржината на текстот не е тајна за членовите на комисијата за надворешни работи, а договорот не излегол во јавност веројатно по голема молба на Заев, за да не му го расипе планот визави мистериозноста на договорот тука во Македонија.
Кој е целиот план, зошто се крие неговата содржина и со која цел, ќе дознаеме најдоцна до 2-ри август за кога е закажано потпишувањето на договорот. Но скандалозна е и самата помисла дека без изложување во јавноста некој ќе се дрзне да потпишува вакви договори со било кого.
Беше прозвана и МАНУ да се јави со свој став, но типично индиферентно кога се во прашање антидржавните акции на СДСМ, првиот човек на оваа институција Таки Фити дигна рамена и рече дека Заев и СДСМ не го информирале што договарале и договориле со Бугарите, воедно не покажувајќи иницијатива ниту самиот да дознае, на свое сосптвено барање имајќи ја предвид функцијата која ја извршува.