Борисов: Спијте мирно, Македонија нема да ја нападне Бугарија

Ноќеска спиев мирно, Македонија нема да ја нападне Бугарија и нема да има територијални претензии. Спијте мирно, Банско останува бугарско, ќе одите на скијање.

Ова е дел од изјавата со која поранешниот бугарски премиер, а сега лидер на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов, ја коментираше вчерашната посета на Кирил Петков на Скопје, за време на која со македонскиот премиер Димитар Ковачевски објавија дека Северна Македонија испратила нота до Обединетите нации (ОН) дека краткото и долгото име на државата значат исто и земјава нема „какви било импликации врз територијалниот интегритет на Бугарија“.

Во изјава за медиумите Борисов прашал и дали Петков на средбата со претседателот Стево Пендаровски и останатите политички лидери разговарал за македонско малцинство во Бугарија.

„Нашиот Устав јасно кажува дека сите бугарски граѓани се еднакви“, вели Борисов.

Исто така, лидерот на ГЕРБ го критикувал бугарскиот премиер дека е првиот државник што доаѓа во Северна Македонија, а не оди да положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Во коментарот за вчерашната посета, Борисов вели и дека Ковачевски лукаво успеал да го зароби Петков во стапица да зборува за фашизам.

„Нивниот премиер макар и на еден ден, успеа да го зароби нашиот да зборува за фашистите. Ова не е за потценување, многу лукаво го зароби“, коментира Борисов, според кого, влегувајќи во стапицата за фашизмот, Бугарија се откажува од повикот на бугарскиот народ да му се спротивстави на Хитлер за спасение на над 50.000 бугарски Евреи.