Борусија Дортмунд се врати на чело на Бундеслигата

Продолжува неизвесната трка меѓу минхенски Баерн и Борусија за титулата во германското фудбалско првенство, откако во средбата до 29-то коло, тимот од Дортмунд ги совлада Мајнц со 2:1, и се врати на врвот од табелата со два бода предност пред баварската екипа.

Борусија веќе по 25 минути водеше со 2:0, но во финишто од дуелот грчевито ја спасуваше победата.

Домашните поведоа во 17 минута со голот на Жадон Санчо, а истиот играч седум минути подоцна го удвои водството на Борусија. До самата завршница Борусија сигурно го одржуваше водството, но Робин Квиасон во 83 минута намали и ја врати неизвесноста. Во последните минути гостите од Мајнц се обидоа да израмнат, но Борусија успеа да се одбрани.

Сега Борусија Дортмунд со 66 бодови е на врвот од табелата, а ја следи актуелниот шампион Баерн со 64 бодови, но и меч помалку.

Претходно во саботата РБ Лајпциг и Борусија Менхенгладбах остварија важни победи во борбата за позициите кои осигуруваат пласман во Лигата на шампионите.