Борусија испушти водство од три гола, Баерн ѝ се доближува

Фудбалерите на актуелниот германски првак минхенски Баерн со 3:1 го победија Шалке на својата „Алијанц Арена во последниот натпревар од саботната програма на 21-го коло од германското првенство и така се зацврстија на второто место и го намалија заостанувањето зад водечката Борусија Дортмунд на само пет бодови, откако лидерот испушти водство од 3:0 пред своите навивачи против Хофенхајм.

Баерн поведе со автоголот на Брума во 12 минута, гостите израмнија во 25 минута преку Кутучу, но само две минути подоцна Роберт Левандовски им ја врати предноста на баварците. Конечните 3:1 во 57 минута ги постави Серж Гнараби, кој со глава сврти една топка која со „ножички“ кон противничкиот гол ја упати Левандовски. Шалке со овој пораз моментално е 13-ти со 22 бодови, а може да назадува едно место на табелата по комплетирањето на колото.

Голем пресврт направија фудбалерите на Хофенхајм кај водечката Борусија Дортмунд. До 75 минута губеа со 0:3, за потоа за само 13 минута да постигнат три погодока и да освојат голем бод на „Сигнал Идуна Парк“.

Погодоците за Борусија ги постигнаа Санчо во 32, Гетце во 43 и Гуереиро во 67 минута. Меѓутоа, гостите не се предаваа, па Алжирецот Белфодил кој на полувремето го замени Хрватот Андреј Крамариќ во 75 минута го постигна првиот гол за Хофенјам. Во 83 минута Кадерабек намали на 2:3, а пет минути подоцна Белфодил уште еднаш погоди за конечните 3:3. Хофенхајм со овој бод се зацврсти на деветтото место со 30 бодови.

И покрај пропуштеното водство Борусија ја зголеми предноста пред истоимениот клуб од Менхенгладбах, кој дома со 0:3 беше совладан од берлинска Херта. Калу во 30, Дуда во 56 и Селке во 76 минута беа стрелци за убедливата победа на Херта која сега осма со 31 бод.

Води Борусија Дортмунд со 50 бодови, Баерн со 45 бодови се проби на второто место, а Бирусија Менхенгладбах е трета со 42 бодови.

Натпревар со пресврти одиграа Фрајбург и Волсфбург, во која гостите трипати беа во водство, домашните трипати израмнуваа, дури поведоа со 4:3 во судиското продолжение, но голот беше поништен по прегледувањето на снимката кога судијата утврди дека стрелецот на голот бил во недозволена позиција. Водечкиот гола за Волсфбург го постигна Росијон во 11 минута, израмни Грифо во 37, а ново водство за „Волците“ донесе Вегхорст во 63 минута од пенал. На 2:2 израмни Петерсен во 70 минута, а по третпат Волсфбург поведе со голот на Штефен во 74, а бодот за Фрајбург го донесе Валдшмит во 88 минута.

Франјбург е 12-ти со 23 бодови, а Волсфбург е седми со 32 бодови.

Во дуелот на дното од табелата, Хановер пред своите навивачи го победи Нинберг, а двоен стрелец беше Милер во петтата минута од судиско продолжение на првото полувреме и во 77 минута. Хановер со 14 бодови сега е претпоследен 17-ти, предавајќи му го „фенерот“ на Нирбнерг кој има 12 бодови.

РБ Лајпциг и Ајнтрахт од Франкфурт одиграа без голови. Лајпциг е четврти со 38 бодови, а Ајнтрахт е место подолу со пет бода помалку.

Во првиот меч од колото во петокот вечерта Баер Леверкузен на гости со 5:1 го потопи Мајнц и се искачи на шестото место со 32 бодови. Мајнц, пак, 11-ти со 27 бодови.

Во недела се играат дуелите Вердер – Аугсбург и Фортуна – Штутгарт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.