Борусија М подобра од Баер

Во последниот меч од саботната програма од првото коло на германското фудбалско првенство Борусија Менхенгладбах на домашен терен го совлада со 2:0 (0:0) Баер Леверкузен.

Само три минути ѝ беа доволни на Борусија да постигне два погодока и да дојде до трите бода, иако домашните пропуштија можност да поведат уше во 37 минута кога Белгиецот Торген Азар не реализираше пенал. Во 55 минута новиот удар од белата точка за Борусија овојпат го реализираше Јонас Хофман. Само три минути подоцна по одлична акција за 2:0 погоди Американецот Фабијан Џонсон.

Фудбалерите на Волсфбург го отворија првенството со домашната победа од 2:1 против Шалке, а до неа дојдоа во четвртата минута од судиското продолжение, со погодокот на Гинцек. Претходно Волсфбург дојде во водство во 33 минута преку американскиот стопер Брук, но истиот играч направи прекршок за пенал во 85 минута кој за 1:1 го реализираше Бенталеб. Шалке од 65 минута играше со играч помалку, откако директен црвен картон заработи Нестасиќ поради опасен старт, што предизвика коментари дека станува збор за судиска грешка.

Ајнтрахт по минатонеделното елиминирање од четвртолигаш во првото коло од националниот куп, иако ја бранеше титулата, првенството го отвори со сигурна победа од 2:0 на гостувањето кај Фрајбург. Стрелци беа Милер во 10 и Халер во 82 минута.

Фортуна од Диселдорф поведе со голот на Раман во 39 минута, но во второто полувреме гостите од Аугсбург направија целосен пресврт со головите на Хинтерегер во 57 и Хан во 76 минута.

Херта стартуваше во Берлин со победа над Нирнберг, а трите бода ги донесе Ведад Ибишевиќ кој го постигна единствениот погодок на мечот во 27 минута.

Вердер и Хановер ги поделија бодовите во последната четвртина од натпреварот. Гостите поведоа преку Вејдант во 76 минута, а во 85-та израмни Гебре Саласие.

Во петокот актуелниот шампион Баерн Минхен со 3:1 го победи Хофенхајм.

Во недела ќе играат Мајнц – Штутгарт и Борусија Дортмунд – РБ Лајпциг.