Босна и Херцеговина сепак ќе игра за место на ЛОИ

Кошаркарската репрезентација на Босна и Херцеговина, сепак, ќе учествува на претквалификацискиот турнир за Летните Олимписки Игри, иако претходно беше соопштено дека беспарицата ќе ја спречи земјата во тоа.

Одамна е познато дека кошаркарската федерација на БиХ мака мачи со финансиските проблеми кои од година в година уште повеќе се таложат.

Федерацијата никако не може да крене глава од долгови, а неколку босански и хрватски медиуми ја пренесоа веста дека го откажале учеството на националниот тим во циклусот што треба да се одигра за пласман на олимпискиот турнир следната годинa. Јавноста на ова реагираше бурно, па како што изгледа реакциите донесоа промена.

Федерацијата на БиХ соопшти дека репрезентацијата ќе игра во претквалификациите за ЛОИ и е потенцијален ривал и нашата репрезентација.

Ждрепката за претквалификациите за Летните Олимписки Игри ќе биде нешто по 28 април, кога ќе бидат познати и домаќините на двете европски квалификациски групи. Турнирите се на програмата од 12 до 20 август оваа година.