Бошњаци иселеници бараат на Брнабиќ да и се забрани влез во БиХ поради изјава за Сребреница

Негирање на геноцидот во Сребреница и искривување на судските факти за најголемото злосторство после холокаустот во Европа претставува намерен и организиран напад врз вистината и правдата, државата БиХ и жртвите, предупреди денеска Конгресот на Бошњаците во Северна Америка (КБСА).

Коментирајќи ја изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ дека во Сребреница немало геноцид, претставници на КБСА потсетуваат дека „негирањето на тоа злосторство претставува последна немоќ на се уште слободните злосторници да ја дехуманизираат жртвата и да ја одржат агресивно геноцидната политика и идеологија“.

Тие ги повикаа „сите субјекти на вистината и правдата да го кренат својот глас против негаторите на геноцидот, затоа што сметаат дека токму тоа е потребно за геноцидот веќе никогаш никому да не се повтори“.

– Го повикуваме босанскохерцеговскиот политички естаблишмент и меѓународната заедница во БиХ да и забранат влез на Брнабиќ се додека не ја повлече скандалозната изјава и да им се извини на жртвите и граѓаните на БиХ, стои во соопштение на Конгресот на Бошњаците во Северна Америка.

Српската премиерка Брнабиќ, на инсистирање на новинар на Дојче Веле да „признае дека во Сребреница се случил геноцид“, порача дека за Србија она што се случило во Сребреница не е геноцид, потсетувајќи дека лицето одговорно за тоа страшно воено злосторство е екстрадирано во Хаг и оти Србија направила се што зависело од неа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.