Ботас ќе стартува пред Хамилтон на трката во Нирбургринг

Финецот Валтери Ботас од тимот на Мерцедес ќе тргне од првата стартна позиција во трката на Големата награда на Ајфел, 11-та трка од годинешното Светско првенство во класата Формула 1, која ќе се вози во недела со почетокот од 15,10 часот на патеката Нирбургринг во Германија.

Ботас на саботните квалификации оствари за 256 илјадатинки подобро време од својот тимски колега, актуелниот шампиони и моментално водечкиот, Британецот Луис Хамилтон, кој ќе стартува од втората позиција. Трет, пак, беше Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул-Хонда, кој зад Ботас заостана 293 илјадатинки.

Ова е трета „пол позиција“ за Ботас оваа сезона, додека преостанатите осум ги освои Хамилтон. Во квалификациите денеска Ботас својот најбрз круг го извозе за 1 минута 23,269 секунди.

Во саботата, исто така, се одржа и третиот тренинг, првите две сесоо беа слободни, кои беа закажани за во петок но не можеа да се одржат поради дождот.

СТАРТЕН РЕДОСЛЕД

1. Валтери Ботас (Фин/ Мерцедес)
2. Луис Хамилтон (ВБ/ Мерцедес)
3. Макс Верстапен (Хол/ Ред Бул-Хонда)
4. Шарл Леклер (Мон/ Ферари)
5. Александр Албон (Тај/ Ред Бул-Хонда)
6. Даниел Рикиардо (Аус/ Рено)
7. Естебан Окон (Фра/ Рено)
8. Ландо Норис (ВБ/ Мекларен-Рено)
9. Серхио Перез (Мек/ Рејсинг Поинт-Мерцедес)
10. Карлос Саинц јуниор (Шпа/ Мекларен-Рено)