Ботас по тимската наредба му ја подари победата на Хамилтон

Светскиот  шампион во Формула 1, Луис Хамилтон победи на трката во Сочи за Големата награда на Русија, откако шефовите на „Мерцедес“ му наредија на неговиот колега Валтери Ботас да го пропушти Британецот.
Финецот стартуваше прв, но по наредбата од боксот во средината на трката остана зад Хамилтон за да му го чува грбот од нападите на Себастијан Фетел од „Ферари“.

По трката Хамилтон призна дека победата не дојде на спектакуларен начин.

Ова е всушност многу тежок ден. Валтери имаше направено фантастична работа и беше вистински џентлмен бидејќи ме пропушти. Тој сега не може да се натпреварува за шампионската титула, а ова за тимот беше одличен викенд. Тимот направен добра работа за да се оствари предноста над  „Ферари“. Знам колку му беше тешко ова на Валтери, тој ја заслужи победата, изјави Хамилтон.

Ова е осма победа сезонава за Хамилтон, кој има 306 поени во генералниот пласман или 50 повеќе од Фетел, кој влезе трет низ целта. Со второто место Ботас излез трет со 189 поени, додека Кими Раиконен е четврти со 186 поени. Финецот од „Ферари“ заврши како четврти, а зад него се пласираа возачите на „Ред Бул“, Макс Верстапен и Даниел Рикиардо, потоа Чарлс Леклер на „Заубер“, Кевин Магнусон на „Хас“, Естебан Окон на „Форс Индија“ и неговиот тимски колега Серхио Перес.

„Мерцедес“ води и во битката за конструктори со 452 поени, а 415 има „Ферари“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.