Божиќна донација за децата од интернатот „Гоце Делчев“

Децата од социјално загрозени семејства кои престојуваат и учат во Интернатот „Гоце Делчев“ во село Љубанци добија Божиќно изненадување од Коинказа и Хоум. Со донирање на јоргани, перници, постелнини и амајлии за среќа, овие два бренда им ги разубавија Божиќните празници на штитениците на Интернатот.

„Секаква помош, во каква било форма, за нашиот Интернет е добредојдена, но уште поубаво е кога за ваков голем празник каков што е Божиќ, децата имаат можност да ја доживеат и почувствуваат празничната убавина. Донацијата предизвика искрени насмевки на нивните лица, што претставува мерило за тоа колку некој успеал да внесе радост во нивните животи“, изјави Силвана Терзиева, директорката на Интернатот „Гоце Делчев“.

Од Coincasa и @Home кога ги воочиле условите и потребата на децата приоритетот во нивните хуманитарни активности бил Интернатот.
„Општествената одговорност е наш приоритет, затоа секоја година селектираме институции за кои сметаме дека нашата помош и придонес е неопходна и на тој начин оставаме траен белег, преку кој покажуваме дека се грижиме за заедницата. Денес, по повод големиот празник Божиќ, на децата од интернатот „Гоце Делчев“ им подаривме дел од нашите производи, со цел да ги израдуваме и да им покажеме дека навистина се грижиме за нив“, изјави Марина Димитровска, бренд менаџер на @Home.