Божинов од ОМО Илинден најавува отвoрање приватен македонски клуб кај Пловдив

Македонците од Бугарија не се откажуваат од формирање на приватни македонски клубови, по затварањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Борислав Божинов од ОМО Илинден најавува дека во неговиот двор, гаража од 30 метри квадратни во село Крумово на пет километри од Пловдив ќе го отвори приватeн клуб.

Божинов заедно со Кирил Иванов од ОМО Илинден денеска присуствуваат на семакедонскиот собир во организација на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип.

„Решив да си отворам клуб во мојот двор, имам гаража голема е околу 30 метри квадратни и напролет ќе оворам приватен клуб и да немам врска со државата и ништо. Клубот ќе се вика Јане Сандански или Македонија, сѐ уште немаме решено како ќе се нарекува“, вели Божинов.

Посочува дека целта на отварањето на клубот е да се подигне самосвеста, како и признавање на Македонците во Бугарија и Пловдив.

„Има многу бегалци од егејскиот дел на Македонија во Пловдив, цел кварт е, а нашите Македонци го крстиле Мал Париз“, вели Божинов.

Забележа дека бугарските власти знаат за неговите намери и како што вели, Македонци се следени во сите нивни активности, но тоа не го загрижува. Што се однесува за младите, Божинов вели дека младите не се запознати ниту со историјата и немаат сознание за нивните корени и национална припадност.

„Токму поради тоа и сакам да го отворам клубот да им се врати самосвеста. Во Половдив, но и низ селата има околу 100.000 бегалци од егејска Македонија“, додава Божинов.

Кирил Иванов од „ОМО Илинден“ вели дека откако бугарскиот суд го затвори клубот „Никола Вапцаров“, кој беше отворен минатата недела во Благоевград под силно полициско обезбедување и провокации, сега ситуацијата е нормална.

Иванов посочи дека борбата за нивните права во Бугарија ќе продолжи, како и досега, а прашан дали ќе формираат ново здружение и клуб во Благоевград изјави дека ќе одлучат што понатаму во вторник, кога имаат средба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.