Божиновски: СДСМ ветуваше демократија и слобода за медиумите, а ги цензурир и им испраќа пораки

На медиумите во Македонија им беше ветуван живот откако СДСМ и Заев ќе дојдат на власт, а наместо тоа добија затвор. Добија затвор, во вистинската смисла на зборот! Наместо почитување на правото на слобода на говор и критика, сведоци сме на обиди за цензура и изречени затворски казни за напишан текст, истакна во саботата Игор Божиновски, член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчера видовме дека судот изрекол ефективна казна затвор во времетраење од три месеци или условно од една година, за текст во неделникот Република, насловен ‘Шест милиони евра за платеничката револуција на Сорос’. Преседанот да биде поголем, не постои демант дека било кој од податоците што се објавени во текстот е неточен. Апсурдот да биде поголем, од Република тврдат дека ниту еднаш не се повикани на судско рочиште, а казната затвор е веќе изречена“,
рече Божиновски

Оцени дека станува збор за пресуда со кој на земјата ѝ се нанесува голем срам, како и дека јавноста мора да знае кој ја нарачал ваквата пресуда и оти мора да се бара одговорност за тоа.

„Репресијата, цензурата и притисоците сега се насочени кон критички настроените медиуми, но пораката за заплашување се испраќа до сите. ВМРО-ДПМНЕ го осудува притисокот врз медиумите. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува новинарските организации во Република Македонија, меѓународните новинарски здруженија, ОБСЕ, ОДИХР и меѓународните претставници во Република Македонија да го осудат овој терор врз медиумите, додаде претствникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните на Република Македонија, подвлече Божиновси, сакаат да живеат во демократија.

„СДСМ ја загрозува нашата интеграција во ЕУ и НАТО и го загрозува напредокот и развојот на општеството во целост со ваквите чекори. Во Република Македонија под власта на СДСМ е поткопан еден од столбовите на демократијата – независното и слободно новинарство. Слободата е загрозена. Слободата на говор нарушена. СДСМ спроведува вистинска репресија врз медиумите и медиумскиот простор. СДСМ преку притисок сака да ги заплаши и стави под своја контрола медиумите. Власта сака да го замолчи секој еден критички настроен медиум и личност. Власта со оваа постапка покажува дека сака да спроведе тотално едноумие“, нагласи Божиновски.

Заклучи дека манесто ветуваните демократија и слобода за медиумите, актуелната власт донела страв и цензура во медиумите, кои како и притисоците врз нив не смеат да се присутвни во демократска држава каква што треба да биде Македонија.