БПЦ ќе се консултира со другите православни цркви за признавање на МПЦ-ОА

Светиот синод на Бугарската православна црква (БПЦ) ќе се консултира со останатите 14 помесни православни цркви, меѓу кои и руската, српската и грчката, пред да донесе одлука дали ќе ја признае Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), пишува бугарски „Дневник“.

Од секретаријатот на БПЦ за весникот изјавиле дека Светиот синод  најверојатно ќе го разгледа предлогот на МПЦ-ОА на седницата закажана за 27-ми ноември, но дека е тешко да се очекува оти веднаш ќе биде донесена одлука. Причина за тоа е што ова прашање се смета за исклучително важно и ќе треба Светиот синод на БПЦ да изврши консултации со четиринаесетте помесни православни цркви: Цариградската патријаршија, Грчката, Албанската, Полската, Кипарската, Романската, Српската, Грузиската, Руската црква, како и православните цркви на Америка, Чешка и Словачка, како и Ерусалимската, Александриската и Антохијската патријаршија. По консултациите со другите православни цркви, Светиот синод на БПЦ ќе одлучи за предлогот на Македонската православна црква, пишува весникот.

Синодот на МПЦ-ОА на 9-ти ноември месец испрати писмо до БПЦ во кое се бара да воспостави „евхаристиско единство со возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква“.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви, пишува во писмото од МПЦ-ОА.

Бугарскиот весник уште наведува дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија се одвои од Српската православна црква и прогласи автокефалност во 1967 година, но до денес не е прознаена од ниту една од православните цркви. Во писмото МПЦ-ОА додава дека очекува бугарскиот патријарх Неофит да го постави проблемот пред Вселенската патријаршија и да се заложи за обединување.