Браќа од Сарај позитивни на коронавирусот сакале да отпатуваат до земјата со авион

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против двајца браќа од Сарај, на возраст од 24 и 26 години, заради кривични дела – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1, како и Фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.

Иако со Решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат од 5 април на двајцата обвинети им била определена задолжителна изолација и лекување во домашни услови како потврдени случаи на заболени од COVID-19, тие на 7 април со лет од Меѓународниот аеродром Скопје се обиделе да ја напуштат државата. Притоа пред овластените службени лица на аеродромот прикажале лажни потврди за негативен ПЦР тест за коронавирус, наводно изработен од лабораторија во Скопје на истиот ден кога всушност добиле позитивен резултат. Иако знаеле дека таков сертификат не им е издаден од наведената лаборатирјја, тие сепак потврдите ги употребиле како вистинити, со што сториле две кривични дела.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје секое од сторените кривични дела да го санкционира со парична казна од по 50 дневни глоби во вредност од по 40 евра, односно на двајцата сторители да им изрече единствени парични казни од по 90 дневни глоби со поединечна висина на дневната глоба од 40 евра во денарска противвредност.​​

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.