Браќата Усеини нудат гаранција по 10.000 евра за да излезат од притвор

Бизнисменот и советник во општина Охрид Нефи Усеини и неговиот брат Ибро понудиле пари како гаранција за да излезат од затворскиот притвор. Адвокатот на осомничените за Сител потврди дека е понудена гаранција за да сe укине мерката притвор или да се замени со домашен притвор. Браќата понудиле по 10 илјади евра кеш како судска гаранција, достапност до надлежните органи и ветиле дека нема да го променат местото на живеење.

Правните експерти велат дека доколку мерката притвор му е одредена по основ опасност од бегство со гаранција може да излезат од охридскиот затвор. Од ОЈО пак не откриваат кога браќата ќе бидат изведени на распит.

Инаку браќата Усеини  вчера сами се пријавиле во охридскиот затвор на издржување на мерката притвор во траење од 8 дена, откако полицијата не можеше да ги пронајде.

Нефи и Ибро Усеини се осомничени за нападот врз охриѓанецот Спиро Топаловски. Обвинителството води истрага за две кривични дела „насилство“ и „недозволено држење на оружје“. Топаловски најнапред рече дека физичката пресметка се случила пред очите на неговиот малолетен син и дека во инцидентот бил изваден и пиштол, но потоа ја промени изјавата тврдејќи дека му се причинило дека видел оружје и дека станува збор за недоразбирање.