„Брако“ стартува со нова програма, 450 тони метални конструкции годишно ќе се извозуваат во Австрија

По испорачаните прототипови и нулта серија, за само неколку месеци, „Брако“ започнува со сериско производство и неделни испораки на шасии за мини дампери наменети за австрискиот пазар, соопштуваат од компанијата.

Современата производна опрема, инженерските решенија, менаџерското искуство, како и прецизно дефинираните технолошки постапки, се клучни за стартот на новиот производствен проект во „Брако“.

Металните конструкции (шасии) за мини дампери, наменети за австрискиот пазар, веќе прераснуваат во прецизно дефинирана производствена програма.

Моделот на системот, од суровина до финален производ, кој е во директна корелација со планирањето на производството, проектирањето на производот, се реализира за кратко време.

„Реализацијата на овој проект беше и се уште е голем предизвик за инженерскиот тим. Високите критериуми за квалитет и динамиката на испораки, бараат максимална оптимизација и организација на процесот на производство, што е голем мотив на целокупниот тим на „Брако“, да го даде својот максимум за воспоставување на потребната производствена линија,“ велат одговорните од одделот за Производство.

По испорачаните прототипови и нулта серија, за само неколку месеци, „Брако“ започнува со сериско производство и неделни испораки на австрискиот пазар.

„Благодарение на подготвениот инженерски и менаџерски тим, најсовремениот машински парк, просторниот капацитет, по неколку испораки квалитетот беше препознаен и веќе се договорени годишните планови и количини за испораки за околу 400 тона метални конструкции. Во моментов се работи и на разработка на технолошка постапка за уште неколку нови типови на конструкции за градежни машини, чие производство се очекува да започне кон втората половина на оваа година “- истакна проект менаџерот Александар Наумов.