Бран протести ширум светот

Во последните неколку недели во голем број држави во светот избија масовни протести. Голем е бројот протести кои почнаа овој месец, но и оние кои продолжуваат од претходно, потсетува Н1.

Во Боливија се протестира од 21 октомври. Повод е спорното пребројување гласови по претседателските избори на 20 октомври, на кои, по одложувањето на објавата на резултатите, во првиот круг победи долгогодишниот претседател Ево Моралес. Како резултат на тоа, на 23 октомври почна општ штрајк со насилство во неколку покраини. Во протестите се повредени приврзаници и противници на Моралес.

Од 18 октомври има протести и во Чиле, иницирани од зголемувањето на цената на билетите за подземната железница во главниот град. Потоа претседателот Себастијан Пинера ја повлече спорната одредба и објави пакет социјални мерки, кој предвидува зголемување на пензиите и помали цени за електрична енергија. Сепак, во меѓувреме протестите се проширија и сега се демонстрира против високите трошоци за живот и нееднаквоста. Општ штрајк започна на 23 октомври. Во протестите досега загинаа 18 лица.

Во Либан се протестира од 17 октомври поради предложениот данок на повици по пат на апликација за допишување. Владата на премиерот Саад Харири брзо се откажа од предложената мерка и објави пакет економски реформи. Меѓутоа, протестите се проширија и се бара заминување на целата власт. Протестите се мирни, освен неколку помали судири со полицијата и засега нема повредени.

Гвинеја се соочува со протести од 7 октомври поради можноста претседателот Алфа Конде да побара и трет мандат, и покрај уставните ограничувања. Во протестите организирани од Сојузот на опозициски партии ФНДЦ убиени се најмалку 10 демонстранти.

Од 1 до 13 октомври се протестираше во Еквадор поради намалувањето субвензии за гориво. По 12 дена протести, претседателот Ленин Морено и претставници на автохтоното население – кои ги почнаа демонстрациите, постигнаа договор и Владата ја повлече таа мерка. Во протестите загинаа осум лица, а 1.340 беа повредени.

Од 1 октомври се протестира и во Ирак, кои почнаа како спонтани повици објавени на социјалните мрежи, а поради корупцијата, невработеноста и неефиканската јавна админситрација. По една недела, протестите брзо ескалираа во судири со безбедносните сили, по што Владата објави реформи. Протестирачите продолжија да инсистираат на сузбивање на корупцијата и невработеноста, но и уривање на постојниот политички систем. На 25 октомври продолжија нови, насилни протести, со поддршка на влијателниот шиитски клерик Муктада ал Садр. Во првата седмица од протестите смртниот биланс изнесуваше 150 лица, а само вчера има најмалку 12 мртви.

Продолжуваат и протестите во земји кои почнаа претходно оваа година. Во Хонг Конг протестите почнаа на 9 јуни поради предложен закон со кој би се овозможило испорачување на осомничени од Хонг Конг во Кина. По повеќемесечни протести, кои често беа и насилни, во септември од процедура е повлечен законот за екстрадиција. Меѓутоа протестите продолжуваат со барање за повеќе демократски слободи. Во врска со протестите се доведуваат најмалку 10 самоубиства, при што во неколку случаи оставен е проштална порака во која се посочува екстрадицискиот закон како причина. Во протестите се повредени најмалку 2.000 лица.

Во Алжир на 22 февруари почнаа мирни протести поради одлуката на претседателот Абделазиз Бутефлика по петтипат да се кандидира на избори. Бутефлика се повлече во април, но протестите продолжија со барање за уривање на политичкиот естаблишмент. Опозицијата се противи на претседателски избори, закажани за 12 декември.

Изборите се поддржани од војската, која е клучен актер во земјата, против што и се борат демонстрантите.