Брат и сестра близнаци од ШК Алкалоид се државни младински шампиони во шах

Близнаците Матео и Леа Ефтовски од клубот Алкалоид станаа државни шампиони во младинска конкуренција, за играчи на возраст до 18 години.

Матео Ефтовски ја одбрани титулата што ја освои и минатата година, додека Леа немаше противкандидат во женска конкуренција и настапи на машкиот турнир како единствено девојче од вкупно 12 играчи.

„Оваа година воедно и последна година за мене меѓу јуниорите. По трет пат го освоив првото место на државното првенство на Македонија до 18 години, но за разлика од претходната година имаше поголема конкуренција и јас не бев фаворит за освојување на титулата. Но откако го победив прворангираниот Андреј Велјановски и ремизирав со второрангираниот Михаил Јорданов, успеав да ја одбранам титулата и да заминам непоразен на шаховската табла на последниве 3 младински првенства. Направив 5 поена од 6 партии, односно извојував четири победи и два пати ремизирав. Мислам дека мојата победа беше најголемото изненадување во сите категории, бидејќи имам многу помалку рејтинг поени од Андреј и Михаил, но сепак им честитам за тешката неизвесна борба и одиграните квалитетни партии“, вели Матео Ефтовски.

Задовална од титулата е и Леа.

„Ова е посебно драга година за мене, бидејќи и јас и брат ми во иста година успеавме да освоиме злато, во машка и женска категорија до 18 години. Бидејќи немаше пријавено други шахистки, морав да играм во машка конкуренција, каде што освоив 3 поена од 6 партии и завршив на седмото место. Навистина ми е жал што бројот на шахистки во повисоките категории е на минимум, но се надевам дека тоа во иднина ќе се смени“, рече Леа Ефтовска.

Зад Матео во категоријата У18 на делба на второто и третото место беа Михаил Јорданов и Марјан Христовски, при што „среброто“ поради подобар дополнителен критериум – „бухолц“, му припадна на Јорданов кој исто така е дел од младинскиот погон на ШК Алкалоид.

ШК Алкалоид имаше комплетна доминација во најтешките и најбројните категории, па на овој успех се надоврзаа златниот и бронзениот медал во категоријата У-16, каде што триумфираше Матеј Звездакоски пред Леонид Петрески, а трет беше Стојан Велкоски.

Уште двајца младинци ја освоија титулата со бодовна предност: Во категоријата У-14 Антон Златков од „Центар“ победи пред „алкалоидовците“ Георг Фармакоски и Никола Павковски, а во категоријата У-10 Никола Петровски славеше пред Даниел Стефановски и Павел Крстевски, сите од „Гамбит“.

Во другите категории имаше случаи титулата да се одлучува според дополнителни критериуми, предвидени за „тај брејк“. Така, Андреј Калин од „Центар“ беше изедначен со Кирил Николовски од „Алкалоид“ во У-12, додека трет беше Андреј Иванов од „Алкалоид“, а во У-08 Марко Зафиров од „Гамбит“ и Лука Симоновски од „Алкалоид“ имаа по 7 бода од 9 кола, додека Матеј Диванисов имаше 5 бода.

На женските турнири имаше слаб одзив со три до пет учеснички, но и во такви услови беа прогласени младински првенки. Илијана Велева од ШК Прилеп со максимален резултат од 4 бода го освои првото место кај најмалите во У-08, пред Бојана Манчевска и Надалина Зимоски. Наде Смилевска од „Стево Патако“ со максимални 5 поени триумфираше во У-10 категорија пред Исидора Лукановска и Јована Котушевска. Делфина Огњановска стана првак во У-12 пред Емилија Лушеска и Ивана Велкоска, а нејзината колешка од „Гамбит“, Моника Жежовска, го освои турнирот во У-14 пред Јована Давиткова и Елена Лушеска. Во категоријата У-16 Михаела Зрмановска со максимални 4 бода стигна до златото пред Инџи Ајрадиновска и Теодора Велева