Адвокатот на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, не дал согласност медиумските екипи да го снимаат рочиштето за тужбата за клевета против тужениот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ во Основниот суд Скопје 2, објавува Макфакс.
Новинската агенција „Макфакс“ испрати барање до претседателот на судот, Илир Сулејмани, за визуелно и звучно снимање на рочиштето, кое треба да се одржи на 26 февруари. Судот прибавил мислења од двете страни, при што полномошникот на тужителот навел дека не се согласува со аудио и визуелно тонско снимање oд медиумите. Тужениот Николоски се сложил. Врз основа на тоа претседателот на судот одлучил да не дозволи снимање.
Според одредбите од Судскиот деловник, звучното и визуелното снимање во парничната постапка и во управните постапки може да се врши со одобрение на претседателот на судот, но со претходна согласност од странките во посапката. Тоа значи дека јавноста ќе може да известува за рочиштето, но без присуство на камери и фотоапарати.
Во Основниот суд Скопје 2 на 16 јануари годинава се одржа подготвително рочиште за тужбата за клевета на братот на премиерот Заев, Вице Заев, против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Причината за тужбата е поради тоа што Николоски во телефонско интервју за една телевизија рекол дека Вице Заев и неговото семејство ги добиваат сите главни бизниси во државата. На следното рочиште треба да биде распрашан братот на премиерот, додава Макфакс.