Бразил: Лула го осуди упадот на „фашистичките вандали“ во Конгресот и Претседателскиот дворец

Бразилскиот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва го осуди неделниот упад на „фашистичките вандали“ во институциите на власта во главниот град Бразилија и прогласи „сојузна безбедносна интервенција“ која на сила ќе биде до 31-ви јануари за да се воспостави безбедност во престолнината.

„Сите ќе ги најдеме и сите ќе бидат казнети“, изјави Лула алудирајќи на приврзаниците на неговиот десничарски претходник на должноста Жаир Болсонаро кои се прогласени за одговорни за насилните упади во Конгресот, Претседателскиот дворец и Врховниот суд.

Самиот Лула во неделата во текот на безредијата не се наоѓаше во Бразилија, туку во метрополата Сао Паоло во неговата турнеја по сојузните држави.

Приврзаниците на Болсонаро протестираат против враќањето на власт на крајно левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кои неочекувано многу тесно го победи Болсонаро во вториот круг од претседателските избори на 30-ти октомври минатата година. Во Бразил многу од приврзаниците на Болсонаро ги оспоруваат резултатите од изборите од 30-ти октомври. Тие упорно ја проблематизираат веродостојноста на електронскиот систем за гласање.

Челниците на Европската унија ги осудија акциите на илјадниците приврзаници на поранешниот бразилски претседател врз институциите во Бразилија, изразувајќи му поддршка на Лула.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, објави на Twitter дека „безусловно ги осудува“ нападите врз бразилскиот Конгрес, Претседателскиот дворец и Врховниот суд, и дека „му пружа сеопфатна поддршка на претседателот Лула, кого демократски го избраа милиони Бразилци на слободни и чесни избори“.

Поддршка му изрази и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борељ, кој наведе дека е „вџашен“ од постапките на „насилните екстремисти“. „Бразилската демократија ќе го победи насилството и екстремизмот“, напиша на Twitter.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Метсола изрази „крајна загриженост“. „Демократијата секогаш мора да се почитува“, напиша на Twitter на португалски, додавајќи дека нејзината институција е „со Да Силва“ и „со сите легитимни и демократски избрани институции“.

Настаните во Бразилија ги осудија и САД.

„Претседателот Џо Бајден внимателно ја следи ситуацијата и нашата поддршка за бразилските демократски институции е непоколеблива. Бразилската демократија нема да ја потресе насилство“, напиша на Twitter советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џејк Саливан.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на „почитување на демократските институции“ во Бразил и ја истакна цврстата поддршка на Франција на претседателот Лула“.

„Волјата на бразилскиот народ и демократските институции мора да е почитуваат! Претседателот Лула може да смета на цврстата поддршка од Франција“, напиша Макрон во објавата на Twitter.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.