Бразил понижен и од Холандија

Сосема заслужено, бронзениот медал кој е наменет за пободибриот во натпреварот за третото место на јубилејното 20. Светско првенство, заврши кај репрезентативците на Холандија кои со убедливи 3:0 го прегазија националниот тим на Бразил.
Популарните “лалиња” дојдоа во водтсво веќе во 3 минута откако, капитенот, Робин ван Перси успешно го изведе ударот од белата точка.
На 2:0 во 19 минута зголеми офанзивниот лев бек на Ајакс, Дели Блинд, а во самиот финиш од натпреварот, во листата на стрелци се запиша и одличниот играч за врска на ПСВ, Вијналдум.
Не само што останаа со празни раце, репрезентативците на Бразил, примија рекорни 10 погодоци во последните два натпревара, но и покрај серијата критики кои се упатени на неговата адреса, предводникот на “кариоките”, Луис Филипе Сколари по натпреварот изјави дека нема да понесе оставка.
“Одлуката за мојата иднина му ја препуштам на претседателот на Бразилската фудбалска конфедерација. Секако дека сум разочаран од двата последни порази. Во полуфиналето го доживеавме највисокиот пораз во фудбалската историја на Бразил. Против Холанѓаните исто така бевме непрепознатливи. Но, ајде малку да гледаме оптимистички. Во 2006 и во 2010 година не стигнавме до полуфиналето, а овојпат завршивме меѓу четирите најдобри селекции на Светското првенство. Знам дека нема утеха за неосвоената титула и за убедливите порази на крајот од мундијалот, но треба малку да бидеме реални и да ги согледаме фактите. Го немавме и Нејмар за двата последни натпревари“, изјави Сколари.