Бразил во Атлантик го потопува поранешниот француски носач на авиони, еколозите протестираат

Бразилските власти донесоа одлука во Атлантикот да биде потопен поранешниот носач на авиони „Foch“ кој беше гордост на француската воена морнарица а потоа му беше продаден на Бразил, а еколозите го критикуваат ова решение за „проколнатиот брод“ кој не сакало да ги прими ниедно пристаниште и кој, како што предупредуваат, е токсичен.

„Влечењето на бродот е ризично, а и трупот е оштетен (…) и единственото решение е контролираното потопување“, соопштија бразилската воена морнарица и министерството за одбрана.

Одлуката е спорна бидејќи трупот на бродот долг 266 метри е исполнет со магнети, полихлорирани бифенили (PCB) што е забрането од 1987 година, како и со жива и со други токсични материи кои се високоризични за живиот свет во морето, наведуваат организациите за заштита на природната средина.

Пред две седмици бразилската морнарица реши да го одвлече овој поранешен носач на авиони на 315 километри од бразилскиот брег. Морнарицата објави дека поради високиот степен на оштетувања и „големата опасност“ за природната средина нема да дозволи впловување на бродот во некое бразилско пристаниште или во бразилските територијални води.

Неколку невладини организации предупредија дека Бразил е на патот „да стори еколошко злосторство“, а здружението Робин Худ порача дека поранешниот носач на авиони во моментов претставува „токсичен пакет тежок“ 30.000 тони.

Изграден пред 50 години во бродоградилиштето Сен-Назер на западот од Франција, носачот „Foch“ 36 години беше во служба на француската воена морнарица. Во 2000 година го купи Бразил и го преименуваше во „Сао Паоло“.