Бразилски аматерски кошаркар по грешка доби 350.000 евра

Бразилскиот аматерски кошаркар Жоао Виктор Гомеш да Силва се шокирал кога видел дека на сметката му се уплатени 350.000 евра, откако го замениле со фудбалер со истото име и презиме.

Грешката ја направил клубот Фламенго од Рио. Гомеш играл кошарка таму до 2020 година, а клубот ги помешал неговите податоци со оние на фудбалерот Жоао Виктор Гомеш да Силва, кого во јануари го продаде на англиски Вулверхемптон

Кошаркарот на сметката добил 1,89 милиони реали (околу 350.000 евра).

„Бев исплашен затоа што не знаев од каде доаѓаат парите“, изјавило 19-годишното момче за порталот Globo Esporte.

„Мислев дека некој згрешил кога депонирал пари или нешто слично. Мој пријател, исто така, ми рече да бидам внимателен, бидејќи некој може да ја искористи мојата сметка за перење пари“, додал кошаркарот.

Фудбалерот Гомеш оваа зима беше продаден на Вулверхемптон за отштета од 18,7 милиони евра, а како дел од договорот Гомеш требаше да добие отштета од околу 350.000 евра од Фламенго.

Фламенго уплатата ја извршил на 27-ми февруари а во клубот станале свесни за грешката четири дена подоцна.

„Сѐ ќе разрешиме што е можно поскоро“, изјавил Жоао Гомеш, кошаркар кој моментално игра за аматерски клуб во Рио.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.