Бразилскиот претседател Лула не оди ни во Русија, ни во Украина

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во вторникот изјави дека поради војната којашто трае нема да ги посети ниту Русија, ниту Украина, но дека сепак се залага за мирно решение на конфликтот.

Левичарскиот лидер на настан во главниот град Бразилија рече дека конфликтот предизвикан од руската инвазија на Украина денеска треба да биде незамислив.

„Во 21-от век не би требало да биде возможно да имаме војна за ситници“, рече бразилскиот претседател без да обраложи што мисли под тоа.

Лула ова го изјави откако преку видео-врска разговараше со неговиот украински колега Володимир Зеленски, кој го покани да го посети Киев. Зеленски се обидува да добие меѓународна поддршка од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, вклучително и посети на различни шефови на држави, како што беше американскиот претседател Џо Бајден.

Во феваруари годинава и покрај притисоците и настојувањата на Вашингтон, при посетата на бразилскиот претседател на Вашингтон, сепак, на крајот не дојде до тоа американскиот претседател Џо Бајден и Лула да се согласат во однос војната во Украина, со оглед на неутралноста на Бразил.

Лула сака мировни преговори со учество на неколку неутрални светски играчи. Тој во Вашингтон ја бранеше својата одлука да не испорачува артилериска муниција од германско производство на Украина, што провокативно го побара Киев.