Бразилскиот претседател Лула патува во Кина на средината од април

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва ќе се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг на 14-ти април во Пекинг, објави неговиот кабинет во петокот, откако средбата беше одложена минатата седмица поради пневмонија на Лула.

Лула ќе замине за Кина на 11-ти април и ќе се придржува до првичниот план, кој вклучува потпишување на дваесетина договори со најголемиот трговски партнер на Бразил.

Целта на патувањето е да се унапредат односите со Кина и да се привлечат нови кинески инвестиции во најголемата јужноамериканска земја. Средбата меѓу двајцата лидери ќе се одржи два месеца откако Лула се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.

Бразил се залага за прагматичен надворешнополитички пристап на рамнотежа со двата најголеми трговски партнери и покрај растечките тензии меѓу нив.

Лула ќе го посети и Шангај, каде на 13-ти април ќе учествува на инаугурацијата на поранешната бразилска претседателка Дилма Русеф, негова политичка сојузничка, која ќе стане извршен директор на Новата развојна банка на групата БРИКС, која ги обединува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, а желба за придружување изразија и други латиноамерикански и азиски земји со брзорастечки економии.