Бредли Купер снима филм за композиторот Леонард Бернштајн

53

Американскиот актер и режисер Бредли Купер ќе режира филм за американскиот диригент и композитор Леонард Бернштајн, а правата на филмот кој сѐ уште нема наслов веќе ги има Netflix.

Купер во филмот, исто така, ќе глуми, а покрај тоа заедно со Џош Сингер, наградениот сценарист на „Spotlight“, е и автор на сценариото. Меѓу продуцентите се споменуваат големите холовудски имиња, вклучително и Стивен Спилберг и Мартин Скорсезе.

Бредли Купер тесно соработува со децата на Леонард Бернштајн, а откако со екипата славни филмаџии ги доби ексклузивните права за филмот, во Netflix проектот го прифатиле без двоумење.

Не станува збор за класичен биографски филм за Бернштајн, туку за компликувана приказан за бракот меѓу американскиот композитор, пијанист, диригент и теоретичар на музиката и неговата сопруга чилеанската актерка Фелиција Монтеалегре.

Бернштајн (1918- 1990) е еден од најславните диригенти и композитори во историјата на САД,. Дирижираше со речиси сите поголеми американски оркестри, а од 1958 до 1969 година беше музички директор на Њујоршката филхармонија. Настапуваше и како оперски диригент, но и како концертен пијанист.

Светската слава ја стекна со мјузиклите „Во град!“ од 1944 година, и „Приказна од западната страна“ од 1957 година, а двата се снимени и во филмска верзија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.