Брегзит ќе му донесе на Франкфурт повеќе од 30 банки и 3.500 работни места

Банкарскиот центар во Франкфурт е еден од победниците по излегувањето на Велика Британија од Европската унија, се вели во истражување на „Ландесбанк“ Хесен-Тиринген (Хелаба), објавено денеска.

– Повеќе од 30 странски банки донесоа одлука во корист на германскиот финансиски центар, изјави денеска аналитичарката на Хелаба, Улрике Бишоф.

– Ниту еден друг банкарски центар не може да остане во чекор. Финансиските компании кои претходно работеа во Лондон мора да градат седишта во континентална Европа поради излегувањето на Велика Британија од Европската унија за да можат да ги нудат своите услуги во иднина, рече таа.

До крајот на 2021 година поради Брегзит најверојатно ќе се создадат околу 3.500 нови работни места во Франкфурт, вели Бишоф, која со години го анализира развојот на најважниот финансиски центар во Германија.

Тоа би требало да бидат повеќе работни места отколку што треба да се укинат со реструктуирање на банкарскиот сектор.

– Со оглед на првичниот датум за излез од ЕУ, веќе има значително зголемување на вработените предизвикано од Брегзит, кое ќе продолжи на среден рок, особено затоа што следува период на транзиција, рече Бишоф.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.