Бројот на британски граѓани, кои аплицираат за ирски пасош, се зголемил за 22 отсто во 2018 година, надминувајќи го двапати годишниот број на кандидати од претходните години. Бројот двојно се зголемил по одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, информираат од ирското МНР.

Речиси 100.000 Британци посакале да го задржат своето европско државјанство со добивање на пасош од својот најблизок сосед оваа година, додека минатата година тој број достигна 81.000. Околу 45.000 апликации за ирско државјанство биле поднесени  во 2015 година, една година пред референдумот за Брегзит, по што барањата драстично се зголемиле.

Секој роден во Република Ирска или Северна Ирска, или со ирски родител или предок, има право на ирски пасош, а тоа се вкупно шест милиони британски државјани. Тие имаат право на двојно државјанство.

Барањата за ирски пасоши во Северна Ирска, чии граѓани можат да имаат двојно државјанство – ирско и британско, бидејќи провинцијата е дел од Велика Британија, двојно се зголемиле оваа година.