Брегзит на малите екрани пред гласањето во парламентот

Телевизиски филм со Бенедикт Камбербач во улогата на мозокот на кампањата за излегувањето на Велика Британија од Европската унија ќе биде емитуван на британската телевизија, неколку дена пред клучното гласање во британскиот парламент.

„Брегзит: безобѕирна војна“, кој ќе биде емитуван во понеделникот на каналот Channel 4, на малите екрани ги носи клучните личности и стратегиите од кампањата за референдумот од 13-ти јуни 2016 година, со мотото „Сите знаат кој победи. Но ретките знаат како“.

Авторите на филимот, се чини, не можеа да изберат подобар момент за прикажувањето на оваа двочасовна политичка драма. Договорот кој го постигна британската премиерка Тереза Меј со ЕУ ќе биде ставен на гласање во британскиот парламент кон половината од јануари, што значи дека станува збор за идеален момент да се претстави како се’ започнало, велат авторите.

„Верувам дека уметноста, театарот и приказната, ја имаат покрај забавната и граѓанската улога. Тоа може да ни помогне да разбереме што се случува во овој момент на еден поинаков начин отколку што тоа го прават новинарството и социјалните мрежи“, вели 37-годишниот сценарист Џејмс Греам во пресрет на претпремиерата на филмот во четврток.

Бенедикт Камбербач го толкува ликот на Доминик Камингс, директор на групацијата Vote Leave којашто ја водеше официјалната кампања за британското истапување од ЕУ. Камингс се согласил да се сретне со Камбербач и имале долг разговор, вели сценаристот. Помалку познатиот за пошироката јавност Доминик Камингс имал клучна улога во кампањата, особено што инсистирал да се води на социјалните мрежи, а не како традиционална предизборна кампања.

Џејмс Греам вели дека избрал да ги расветли стратегиите за референдумот и луѓето за коишто никогаш не се слушнало, бидејќи смета дека тие биле решавачки. Тактиките на приврзаниците на брегзитот минуциозно се анализирани во филмот, особено залажувачките слогани и насочените политички реклами. Сепак, Греам не сакал да носи пресуда за стратегиите на приврзаниците на брегзитот.

Меѓу другите, во филмот се отсликани и Борис Џонсон и Најџел Фараж, двајцата главни поборници за брегзитот, како и бизнисменот Арон Банк, кој штедро ја финансирал кампањата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.