Бремените жени да пријават ако им бараат пари за прегледи

32

Подобар пристап на бремените жени до гинеколошките услуги и суштинска примена на законите бара Здружението Национален Ромски Центар (НРЦ) од Куманово. Во нивната анализа во рамки на повеќедеценискиот проект „Унапредување на здравјето на жените Ромки“ предупредува дека голем дел од жените Ромки плаќале за бесплатни гинеколошки прегледи, а висок е процентот и на неискористеност на бесплатните гинеколошки прегледи на бремени жени, кој се движи помеѓу 74 и 90, во зависност од услугите.

Потребен е подобар пристап на бремените жени до гинеколошките услуги, бидејќи 74 проценти од жените Ромки плаќаат за бесплатните прегледи за време на бременост, иако сите бремени жени и родилки имаат право на бесплатни здравствени услуги, вели извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски.

Според истражувањето на НРЦ, гинеколозите им наплаќаат на бремените жени ехо и тестови. Жените од Куманово споделуваат искуства и на социјалните мрежи велејќи дека речиси сите прегледи им се наплаќаат. Според истражувањата на НРЦ во кој учествувале бремени жени и родилки за ехо се наплаќало по 300 денари, микробиолошки тестови исто така 300 денари, отварање мајчина книшка и до 500 денари или пакет за една бремена жена чини 1.100 денари.

– Со цел да се одговри на потребата за подобар пристап до здравствена заштита, Владата на Република Северна Македонија секоја година донесува едногодишни превентивни програми, кои се реализираат преку јавно-здравствени установи. Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Република Северна Македонија е донесена со цел континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период. Посебен фокус е ставен на ранливите групи на населението (жени Ромки, жени од рурални средини, жени од социјално ранливи категории). Програмата се реализира преку координирано спроведување на суштински јавно – здравствени услуги, во кои како извршители се вклучени повеќе здравствени институции (Центри за јавно здравје, Здравствени домови, болници – вели адвокатката Магдалена Јакимовска од НРЦ.

Но, и покрај голем број  закони, подзаконски акти и програми донесени од Министерството за здравство, граѓаните секојдневно при остварување на своите со закон загарантирани права, наидуваат на проблеми од причина што законите се недоволно прецизни – двосмислени и различно се применуваат во пракса од институциите кои ги спроведуваат, појаснува извршниот менаџер на НРЦ, Ашмет Елезовски.

– Мајките треба целосно да бидат заштитени и се, согласно законите, матичните лекари добиваат средства за прегледите од Фондот. Но и покрај тоа наплатуваат за услуги кои согласно важечките закони и подзаконски акти се бесплатни. Реагиравме неколку пати на ниво на Куманово и на ниво на државата и не само за жените Ромки, генерално за сите жени кои се обратија – вели Елезовски..

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.