Брифинг на шефовите на дипломатиите на ЕУ за текот на преговорите за името

235

Македонија и напредокот во преговорите за името ќе бидат една од главните теми на Совет на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија на состанокот во понеделникот кој се одржува неколку седмици пред јунскиот самит на кој европските челници треба да одлучуваат за препораката на Европската комисија за почетокот на преговори со Македонија и Албанија.

Покрај тоа, споменатиот состанок во Брисел треба да даде јасни назнаки дали „нон- пејперот“ којшто е во оптек во јавноста има поддршка од земјите членки или станува збор за изолиран став на влијателните Франција и Холандија, поддржани од уште неколку земји членки.

Според најавите од Брисел, министрите ќе бидат брифирани од шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. Таа пред еден месец беше во Македонија, но не сакаше да го прогнозира исходот од Самитот.

Според процените, за Македонија, сепак, клучно ќе биде решавањето на спорот со името. Доколку деценискиот спор со Грција биде затворен, за лидерите на ЕУ ќе биде тешко тоа да го игнорираат и да не го наградат со датум за почеток на преговори. За ова особено се залага најмоќната земја во ЕУ, Германија.

Во спротивно, без решение на спорот а во услови на зголемен скептицизам кај некои од земјите членки, речиси е сигурно дека препораката од Европската комисија нема да биде прифатена.

Освен европските министри за надворешни, во Брисел во следните два дена ќе престојува и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Тој ќе присуствува на работен доручек со своите колеги, а како што е веќе најавено, таму ќе се одржи и нова рунда преговори.

По последната одржана во седиштетнот на Обединетите нации во Њујорк, медијаторот Метју Нимиц соопшти дека „преостанатите прашања се точно дефинирани, а двете страни работат напорно да најдат решение“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.