Брисел ја предупредува Кина дека нејзиниот однос кон Украина е клучен за односите со ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ја предупреди во четвртокот Кина од којашто Европската унија е трговски силно зависна, дека нејзиниот пристап кон руската инвазија во Украина во голем мера ќе го одреди односите меѓу Брисел и Пекинг.

„Начинот на кој Кина се однесува кон војната на (рускиот претседател Владимир) Путин ќе биде решавачки фактор за натамошните односи меѓу ЕУ и Кина“, изјави фон дер Лејен зборувајќи на трибина во Брисел.

Целиот нејзин говор беше посветен на Кина, каде што претседателката на ЕК следната седмица ќе отпатува заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, по неодамнешното фијаско на посетата не германскиот канцелар Олаф Шолц на Пекинг.

Фон дер Лејен рече дека Кина има одговорност да ги чува принципите од Повелбата на Обединетите нации и да игра конструктивна улога во промовирањето на „праведниот мир“. Инаку, токму оваа одредница беше една од 12-те точки од предлогот на Пекинг за постигнување на мир во Украина, а кој одлучно го отфрлија ЕУ и САД.

„Тој мир може да биде праведен само ако се заснова на одржување на суверенитетот и територијалната целост на Украина. Украина ќе ги дефинира условите за праведниот мир, кој бара повлекување на инвазиските трупи. Секој мировен план кој всушност би го зацврстил руските освојувања едноставни не е одржлив план“, рече фон дер Лејен.

Претседателката на ЕК тврдеше и дека Кина последните години наводно сѐ појасно покажувала дека сака да го промени светскиот поредок во кој таа ќе има централна улога, да ја користи својата економска моќ и да создава зависност на помалите земји за да се осигури од нив да го добие она што го сака.

„Кина ја затвори страницата на периодот на реформи и отворањето и ја отвори страницата на безбедност и контрола“, рече фон дер Лејен и додаде дека Кина „сака да биде помалку зависна од светот, а светот да го направи позависен од Кина“.

„Тоа го видовме претходно месецов кога претседателот (на Кина) Кси Џинпинг го повтори своето ветување дека кинеската војска ќе ја направи ‘голем челичен ѕид кој ефикасно ќе го штити националниот суверенитет, безбедноста и развојните интереси“, рече фон дер Лејен.

Се осврна на минатонеделната посета на кинескиот претседател на Москва, во текот на која зборуваше за „безграничното пријателство“ на Кина со Русија, оглушувајќи се уште еднаш на повеќе од едногодишното инсистирање на Западот, Пекинг да ја осуди или да се дистанцира од руската инвазија во Украина.

Според фон дер Лејен, таа посета покажала „промена на односот на силите“ меѓу Кина и Русија.

„Кина ја искористува слабоста на Путин и Русија сега ѝ е подредена на Кина“, ја повтори фон дер Лејен мантрата која доаѓа од американските функционери без да посочи на конкретни примери кои би го потврдиле нејзиното тврдење.

Европската унија не би требало, сепак, да се одвојува од Кина, туку да го намали ризикот од зависност од Кина, бидејќи односите со оваа земја, имајќи ја предвид нејзината економска моќ и глобалното влијание, се клучни за економскиот просперитет и безбедноста на ЕУ, оцени фон дер Лејен.

„Верувам дека тоа не е одржливо, ниту е во интересот на Европа, да се одвои од Кина. Нашите односи не се црни или бели, а нашиот одговор не може да биде ниту едното, ниту другото. Поради тоа мораме на се концентрираме на намалување на ризикот, не на раздвојување“, додаде фон дер Лејен.

Според неа, појдовната точка во тој пристап би требало да биде „јасното дефинирање на ризикот“, да се признае дека кинеските „економски и безбедносни амбиции се промениле“, како и „критички да се разгледаат отпорноста и зависноста“ на ЕУ, особено во областа на индустријата и одбраната.

Фон дер Лејен рече и дека ЕК веќе донесе низа мерки за да ги заштити своите безбедносни интереси и да го намали ефектот од кинеските „дисторзивни економски мерки“. Ги наведе, меѓу другото, мерки кои се однесуваат на петтата генерација мобилни технологии (5G), директните странски инвестиции и контролата на извозот.

Најави дека ЕК годинава ќе претстави предлог мерки за контрола на европските вложувања во одредени чувствителни технологии коишто би можеле да ги зголемат воените или разузнавачките способности на „системскиот ривал“, како што ја опиша Кина. Тоа е во согласност со официјалната одредница на Европската унија од 2019 година со која Кина ја смета за „партнер, економски конкурент и системски ривал“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.