Брисел ги отфрла барањата на Џонсон за нов договор

Претседателот на Европската комисија во заминување, Жан-Клод Јункер, во четвртокот му кажал на новиот британски премиер Борис Џонсон дека договорот кој со Брисел за истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија го постигна неговата претходничка Тереза Меј е најдобриот и единствено можниот, откри за новинарите портпаролката на ЕУ, Мина Андреева.

Во телефонскиот разговор Јункер на Џонсон му рекол дека во ЕУ ќе ги анализираат сите идеи коишто ќе ги предложи Обединетото Кралство, доколку се во согласност со договорот за излегувањето.

Двајцата челници се договориле да останат во контакт, а Јункер му кажал на Џонсон и дека Европската комисија останува отворена за разговори со Лондон следните седмици, пренесе агенцијата DPA.

Џонсон претходно во британскиот парламент истакна дека ќе тражи измени на договорот кој Тереза Меј го договори со Брисел, а кој трипати беше отфрлен во парламентот во Лондон. Тоа беше и директниот повод Меј да се повлече од лидерската позиција во владејачката Конзервативна партија и воедно од премиерската должност. Џонсон, исто така, рече дека го задолжил Мајкл Гоув, поранешен министер за екологија и голем заговорник за излегувањето од ЕУ, да ја подготви државата за излегување без договор. Тој претходно повеќепати истакна дека Британија ќе ја напушти ЕУ на 31-ви октомври, без оглед на тоа дали дотогаш ќе има договор со Брисел или не.

Претходно во четвртокот главниот преговарач на ЕУ за брегзитот, Мишел Барние, предупреди дека барањето за измена на договорот за британското излегување кое го изнесе Џонсон е „неприфатливо“ и оти Брисел треба да се подготви на брегзит без договор.

„Борис Џонсон рече дека, доколку се сака да се постигне договор, треба да се отстрани заштитниот механизам (за ирската граница). Тое е секако неприфатливо и не е во овластувањето на Европскиот совет“, наведува Мишел Барние во електронската порака испратена до претставниците на 27-те земји членки на ЕУ, којашто агенцијата AFP во четвртокот ја имала на увид.

„Како што покажува неговиот доста воинствен говор, мораме да се подготвиме на тоа дека тој ќе даде предноста на планирањето на излегувањето ‘без договор’, делумно и затоа да изврши притисок врз единството на ЕУ на 27-те… Основно за нашата страна е да останеме мирни, да се придржуваме до нашите принципи и насоки, и да ги покажеме солидарноста и единството на другите 27 членки… Останувам на располагање во текот на летото за разговори со Обединетото Краслство“, напишал Барние повикувајќи ги членките на единство.