Брисел критикува, но Орбан ги брани повисоките цени на горивата за странците

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот ги бранеше повисоките цени на горивата за странските државјани кои Будимпешта ги воведе кон крајот на мај, одговарајќи на критиките од Брисел дека таа мерка би можело да биде дискриминаторска.

„Се надеваме дека Европската унија гледа дека станува збор за вонредна ситуација којашто бара и вонредни мерки“, изјави Орбан во интервју на радио.

Европската комисија во четврток ја повика Унгарија да запре со различното наплаќање на горивото на бензинските црпки на сопствениците на возилата со унгарски регистерски таблички и на оние чиишто возила се регистрирани, како во друга земја членка на ЕУ, така и за други земји, додека темелно не се провери дали таа мерка во согласност со правото на Унијата.

Портпаролката на ЕК, Сонја Господинова изјави на прес-конференција дека еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон во средата им испратил писмо на унгарските власти и побарал објаснување на таа мерка, како и таа да престане да се спроведува додека не биде проверено дали станува збор за дискриминација.

Според уредбата, автомобилите со странски регистерски ознаки повеќе нема да можат да точат гориво по официјално одредената цена од 480 форинти, или 1,22 евра за 95-октански бензин и дизел, туку странците ќе мора да го купуваат горивото по пазарна цена. Според медиуми, пазарната цена е 40 отсто повисока од официјалната цена.

Владата на унгарскиот конзервативен премиер Виктор Орбан со уредба ја одреди цената на горивата уште ланскиот ноември. Таа ќе важи до 1-ви јули, а целта е со неа да се осигури возачите да не го почувствуваат глобалниот раст на цените на енергенсите.