Бришењето на клубот „Иван Михајлов“ е израз на паника и импотенција, смета Радев

Вчера Министерство за правда до Централниот регистар на Република Северна Македонија достави Решение за неусогласеност на Здружението КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ИВАН МИХАЈЛОВ Битола согласно член 5 од Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, по претходно прибавеното мислење од страна на Комисијата за употреба на имиња на личности, информираат од Централниот регистар.

Централниот регистар по приемот на Решението за неусогласеност, а во врска со член 5 од Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации го избриша здружението од Регистарот на други правни лица.

Бугарскиот претседател, Румен Радев одлуката на властите во Македонија да го избришат бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола ја дефинира како израз на немоќ и паника.

-Ова одекнува многу лошо во ЕУ. Оваа одлука е израз на паника и импотенција, бидејќи властите во Република Македонија мора конечно да признаат дека има македонски Бугари и бугарско присуство во Македонија не сега, туку со векови – веќе 1300 години. И бришењето на имињата на бугарските клубови нема да ја избрише цврстата определба на Бугарија и нашите европски партнери, Република Македонија, да ги вклучат Бугарите во нивниот устав – рече тој.