Британски специјалисти учествувале во утринскиот масивен напад со беспилотни летала во Севастопол, историското седиште на руската Црноморска флота на спорниот полуостров Крим, соопшти во саботата руското Министерство за одбрана.
Според министерството во саботата утрото „киевскиот режим изврши терористички напад врз бродови на Црноморската флота и цивилни бродови“ кои биле вкотвени во или близу пристаништето во Севастопол.
„Подготовката на овој терористички чин и обуката на воениот персонал на украинскиот 73-от специјален цента за поморски операции беа извршени под водство на британски специјалци лоцирани во градот Очаков, регионот на Миколаев (Николаев) во Украина“, прецизираат од руското Министерство за одбрана.
Украинскиот напад со беспилотните летала во саботата во водите на Севастополскиот залив бил најмасивниот од почетокот на воените дејствија во февруари, изјави за медиумите гувернерот на градот, Михаил Развожаев.
„Синоќа беше извршен најмасовниот напад од беспилотните летала и дронови на далечинско управување во водите на Севастополскиот залив“, изјавил Развожаев пренесува агенцијата ТАСС.
Според него, цел на украинскиот напад биле воени објекти на Црноморската флота, но сите беспилотни летала биле навремено откриени и уништени.
Претходно министерството за одбрана, во нападот биле вклучени вкупно девет беспилотни летала и седум автономни поморски дронови.
„Како резултат на оперативните мерки преземени од силите на бродовите на Црноморската флота, беа уништени сите воздушни цели“, истакнаа од Москва и додаваат дека „минимални оштетувања“ претрпеле миноловец и заштитната бариера на јужниот дел од заливот.