Британци кои сокриле богатство осудени на речиси 20 години затвор

Двајца Британци кои не пријавиле древно аглосаксонско богатство во вредност од околу три милиони фунти, а коешто го откриле со помош на дектектор на метал, се осудени во петокот на вкупно 18 и пол години затвор.

Трагајќи на поле во Леминстер во централна Англија со помош на детектор за метали, 38-годишниот Џорџ Пауел и 51-годишниот Лејтон Дејвис откриле големо богатство, вклучително и кованици за кои се верува дека потекнуваат од периодот на владеењето на кралот Алфред Велики. Пауел е осуден на 10, а Дејвис на осум и пол години затвор.

Според британскиот закон, ваквите откритија мора да се пријават на сопственикот на земјиштето и на локалните власти. Меѓутоа, мажите решиле да го задржат богатството за себе и започнале монетите да ги нудат на пазарот, соопшти судот во Ворчестер.

„Монетите кои Дејвис и Пауел ги пронашле се стари повеќе од 1.100 години и на нив е вгравирано Алфред и Кеолвулф од санксонско-викиншкиот период. Откритието има огромна историска вредност и требало да им биде пријавено на властите, но Дејвис и Пауел себично го криеле поради своја сопствена полза“, изјавил Лесли Милнер од обвинителството.

Алфред владеел со јужната област Весекс во периодот од 871 до 899 година, додека Кеовулф Втори бил крал на Мерсија, северно од Весекс, од 874 до 879 година.