Британците кои војуваат за џихадистите нема да можат да се вратат во земјата

Британците кои како припадници на Исламска држава и на џихадистите војуваат во Сирија и Ирак, не ќе може да се вратат во Велика Британија, изјави во Канбера, британскиот премиер Дејвид Камерон.

Во говор пред пратениците на Парламентот на Австралија, Камерон рече дека станува збор за „времена мерка“ што би важела една, до две години.

Нејзина цел е да се блокира влегувањето во земјата на британските џихадисти кои според безбедносни експерти се „сериозна закана“ за внатрешната безбедност на Велика Британија, затоа што се враќаат „идеолошки радикализирани и воено обучени“.

Со новите безбедносни мерки, британските власти ќе може да го спречуваат и излегувањето од земјата на лица за кои се знае, или се сомнева дека ќе им се приклучат на џихадистите на сирскиот и ирачкиот фронт.

Британските пасоши на оние Бритаци кои сега се во Исламска држава (ИД) или во другите слични џихадистички групи, ќе бидат означени како „неважечки“ а нивните имиња ќе бидат ставени на „нон флај“ листите, на лица на кои им е забрането да купат авионски билет за патување до Велика Британија.

Исклучок од овие мерки ќе бидат оние џихадисти кои самите ќе им се пријавата на британските власти.

Со забраната за излегување од Велика Британија и одземање на пасошот, за да не заминат во редовите на џихадистите од ИД ќе бидат опфатени и оние Британци кои се уште немаат 18 години.