Британците сé повеќе стануваат Германци

Поттикнати од очекуваното излегување на Велика Британија од Европската унија во следната 2019 година, бројот на британските граѓани кои станале германски државјани скокнал за 162 отсто минатата 2017 година, соопшти во средата германското Сојузно биро за статистика.

Речиси 7.500 Британци добиле германски државјанство минатата година. Една година претходно зебележан беше пораст од 361 отсто, така што бројот на „нови британски Германци“ за две години надминал десет илјади.

Во текот на петнаесетте години пред тоа, вкупниот број Британци коишто аплицирале за добивање германско државјанство бил повеќе од двојно помал.

Врскат со Брегзитот е очигледна, наведува германското Сојузно биро за статистика, додавајќи дека Британците се втората најголема етничка група којашто добила германско државјанство минатата година по речиси 15.000 Турци.

И додека договорот за Брегзит сé уште не е на повидок и покрај тоа што истапувањето од ЕУ е предвиден за март 2019 година, многу Британци се загрижени дека ќе го загубат правото да живеат и работат во најголемата европска економија, којашто ужива во невообичаено долгиот период на раст и рекордно ниска невработеност.

Британците обично треба да живеат во Германија осум години за да се квалификуваат за државјанство. За обработка на барањето потребни се повеќе од шест месеци и Британците може да земат двојно државјанство додека Велика Британија сé уште е членка на Европската унија.