Британец ѝ подари на Франција досега необјавени слики од Хитлер во Париз

Британски колекционер ѝ подарил на Националната библиотека на Франција фотографии од посетата на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер на Париз, по германската инвазија на Франција во 1940 година. Некои од нив никогаш досега и не биле објавени, соопшти француската Библиотека.

„Ова се фотографии направени од Хајнрих Хофман, официјален фотограф на Хитлер од 1924 година. Сликите се од 23 јуни 1940, кога Хитлер бил во Париз. Фотографиите се од непроценлива историска вредност и сведочат за клучната улога на Хофман како фотограф и издавач во градењето на имиџот на Хитлер како легенда“, соопштија оттаму.

Чарлс Чадвик-Хили (82), колекционер, и самиот фотограф и издавач, подарил 20 слики, пренесува „Вијести“.

Утрото, 23 јуни 1940 година, Хитлер слетал на Воениот аеродром „Бурж“ близу Париз, а потоа ја посетил француската престолнина, што тогаш веќе била напуштена. Тој се вратил во Германија истиот ден и никогаш веќе не пошол во Франција.