Британецот кој го запре WannaCry, призна дека создал друг вирус

Британскиот компјутерски експерт Маркус Хатчинс, кој во 2017 година го запре глобалното ширење на вирусот WannaCry, се изјаснил за виновен за креирање и ширење на вирусот Kronos, пренесува интернет изданието TechCrunch повикувајќи се на документ за договор со обвинителството.

Според изданието, договорот со кој 25-годишниот Хатчинс ја признава вината, откако е обвинет на ширење на компјутерски вирус создаден во 2014 година, создавање штетни програми, како и давање лажни сведоштва, бил префрлен во Окружниот суд на Западниот округ на Висконсин, каде што во петокот бил сослушан по делото. Се изјаснил за виновен по две точки од обвинението од претходното обвинение, а преостанатите обвиненија против него се отфрлени.

Хатчинс сега се соочува со затворска казна во траење од 10 години. На сослушувањето тој рекол дека жали за неговите постапки и ја „презема целосната одговорност за своите грешки“.

„Како што веројатно знаете, се изјаснив за виновен по две обвинувања, поврзани со штетни софтвери напишани долго пред почетокот на мојата кариера во безбедносната сфера… Како возрасен, сега ги користам овие вештини за конструктивни цели. Ќе продолжам и натаму своето време да го посветувам на заштитата на луѓето од нападите со злонамерни програми“, напишал Хатчинс на својот блог.

Масивниот кибернетички напад со вирусот WannaCry ширум светот од 12-ти мај 2017 година погоди повеќе од 200.000 корисници во 150 земји и региони. Истиот месец Маркус Хатчинс го пронајде „прекинувачот“ во глобалниот вирус WannaCry, што помогна да се неутрализира овој ткн малициозен софтвер.

Кон крајот на 2017 година, службеници на американското Федерално биро за истраги (FBI) го приведоа Хатчинс под обвинение за ширење на вирусот Kronos, преку кој хакери добивале пристап до лични податоци на корисници, вклучувајќи ги деталите за банкарските сметки. Во текот на 2018-та, против Хатчинс беше подигнато дополнително обвинение за создавање штетни софтвери и давање лажни докази пред Бирото.