Британија ќе ги поттикне пушачите да ги заменат цигарите со алтернативни електронски уреди

Human hands breaking up cigarette

Дури милион пушачи ќе бидат поттикнати да ги заменат цигарите со алтернативни електронски уреди, додека на бремените жени ќе им бидат понудени финансиски стимулации да ја направат оваа замена, што ќе биде прв пат во светот, објави вчера британската влада.

Врз основа на оваа програма, речиси секој петти пушач ќе добие основна опрема за користење на овие уреди, како и поддршка за престанок со пушењето, соопшти Министерството за здравство.

На бремените жени ќе им бидат понудени ваучери како дел од целта на владата да го намали бројот на пушачи на 5% или помалку од популацијата во однос на сегашните 13%.

„Дури двајца од тројца редовни пушачи ќе умрат од пушење. Цигарите се единствениот производ на пазарот, кој ќе ве убие ако се користи правилно“, изјави министерот за здравство Нил О’Брајан.

„За еден милион пушачи ќе понудиме нов начин за да им помогнеме да престанат да пушат. Ќе финансираме нова национална програма за замена – прва од ваков вид во светот“.

Иако просечните стапки на пушење во светот се повисоки отколку во Велика Британија, тутунот и натаму е водечка превентабилна причина за смрт и болести во земјата, објави министерството.

Во текот на 2021 и 2022 година, владата потроши 68 милиони фунти (84,52 милиони американски долари) за мерките на локалната власт насочени на престанок на пушењето, што доведе до тоа 100.000 пушачи да престанат да пушат, како и на полесно функционирање на преоптоварената Национална здравствена служба во Британија.

Сепак, електронските уреди со испарување имаат свои критичари и здравствените власти предупредија на нивнаа популарност меѓу децата, која ги изложува на хемикалии чии долгорочни ефекти се нејасни.

Бројките на здравствените служби покажуваат дека 9 проценти од децата на 11-15-годишна возраст во Британија користеле електронски цигари во 2021 година, што е пораст во однос на 6% три години порано. Владата соопшти дека ќе формира специјален оддел, кој ќе има на располагање три милиони фунти и ќе работи на спречување на нелегалната продажба на вакви уреди на помладите од 18 години.