Британија не го укинува карантинот, но започнува внимателно олабавување на мерките

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во неделата дека карантинот воведен поради епидемијата од новиот тип коронавирус сѐ уште нема да биде укинат и ги повика сонародниците да бидат претпазливи, додека го претставуваше планот за ублажување на мерките кои изминатите седмици речиси сосема ја блокираа целата економија на земјата.

Џонсон го објави планот за попуштања на мерките, вклучително и дека Британците ќе може да вежбаат на отворено, а работниците коишто не можат да работат од дома ќе се вратат на работните места.

„Не можеме едноставно оваа седмица да го укинеме карантинот. Наместо тоа претпазливо ќе ги ублажуваме мерките“, рече британскиот премиер Борис Џонсон во телевизиското обраќање.

Опозициските партии ја критикуваа неговата влада поради начинот на кој управува со здравствената криза, а Џонсон не сака пребрзо да ги олабави рестриктивните мерки.

Во Велика Британија од избувнувањето на пандемијата на Covid-19, од оваа респираторна болест, според официјалните податоци, починале до неделата 31.855 луѓе, најмногу во светот по САД. Во неделата бројот на заразените во Велика Британија веќе достигна 213.183 лица, што исто така е меѓу највисоките показатели на глобално ниво/

Џонсон им препорача на сонародниците да останат да работат од дома, а оние кои тоа не може да го прават, како што се на премер градежните работници, дека од понеделник може да се вратат на работа. Британската економија, петтата според обемот во светот, исто така, е тешко погодена од карантинските мерки и пандемијата на коронавирусот.

Од среда британските граѓани ќе може неограничено да вежбаат на отворени простори, да шетаат во парковите, да го напуштаат местото на престој и да се занимаваат со спорт со членовите на нивните семејства. Досега Британците можеа да вежбаат на отворено еднаш дневно и тоа во својата населба, а Џонсон и покрај убавото време, ги советуваше сепак масовно да не ги посетуваат парковите. Физичката раздалеченост и натаму мора да се почитува, додаде премиерот, предупредувајќи дека прекршителите парично ќе бидат казнувани.

Џонсон појасни дека новиот систем за предупредување започнува од нивото 1, кога вирусот повеќе го нема, се движи до најкритичното ниво 5. Овој систем би требало да ѝ овозможи на владата да го процени ризикот во одредени делови од земајта и според тоа да ги ублажуваа или да воведува построги мерки.

Весникот The Sunday Times го пренесе во неделата предупредувањето на научниците за владата, дека бројот на починатите од Covid-19 до крајот на 2020 година би можел да надмине 100.000, доколку мерките за ограничување бидат укинати прерано.

Џонсон, исто така, рече дека најрано во јуни би можело постепено да бидат отворени продавниците и училиштата за најмладите возрасти. Најрано во јули, и тоа доколку дозволи епидемиолошката ситуација, би можело да бидат отворени и некои угостителски објекти и други јавни места, со услов да се почитуваат епидемиолошките мерки, најави Џонсон

„Во време кога паѓа бројот на починатите и хоспитализираните би било лудост да се дозволи избувнување втор бран на епидемијата. Ситуацијата внимателно ќе ја набљудуваме и владата нема да се стеснува да ‘повлече рачна’ доколку епидемијата се разгори“, предупреди британскиот премиер.