Британија делува „воено изнемоштена“ на меѓународната сцена

Четворица поранешни највисоко рангирани функционери на армијата на Велика Британија, во заедничка изјава ја критикуваа владата во Лондон, затоа што земјата, на меѓународната сцена, сега,  делува „воено изнемоштена“ и целосно „малаксана“ за да реагира на заканите во светот, пренесува МИА.

Двајцата пензионирани адмирали, Најџел Есенхај и лорд Бојс, фелдмаршалот лорд Вокер, поранешен началник на генералштабот, како и воздухопловниот маршал во пензија, Питер Сквајер, оценуваат дека британското воено влијание во светот континуирано опаѓа, па изразуваат „длабока загиженост„ што Британија не успеа (заедно со другите)  да се вклучи во меѓународните интервенции во Сирија и во Ирак, а ниту во случајот со „руската закана„ на Истокот од Европа.
Според четворицата некогашни воени функционери, Велика Британија во 2006 година имаше втор најголем воен буџет во НАТО и најголем во рамките на ЕУ, а сега, се проценува, дека до крајот на оваа година, не ќе може да ги достигне ниту определните два отсто, што Алијансата ги постави како долна граница за издвојување, за сите земји членки.
Овие четворица сметаат дека британската состојба со пасивност е налик на времето од триесетите години на 20 век и времето на брзиот узлет на тогашна, нацистичка Германија, па тие се плашат дека одново, како и во времето пред Втората светска војна, Бритаија ќе реагира кога ќе биде премногу доцна.
Во авторски текст во проконзервативниот  „Дејли Телеграф„ велат дека изминатите пет години (откако Дејвид Камсрон е премиер) буџетот за одбраната постојано се намалува и тој е толку низок што го поткопува и британскиот воен сојуз со САД.
Некогашните највисоки воени функционери забележуваат дека земјата, сега, се соочува со ризикот од евентуален конфликт со Русија во Источна Европа, но „големо прашање е дали Британија може да се вклучи„ на соодветен начин.
Таквиот ризик, за судир на Западот со Русија,  овие четворица британски поранешни адмирали и генерали, го гледаат во „можната руска интервенција„ во некоја членка на НАТО, каква што е Латвија.
Нивната остра реакција доаѓа пред новиот бран скратувања на буџетот за одбраната што претходно го најави британската влада, која треба да ја намали армијата на само 82 илјади луѓе. Владата ги отфрла ваквите критики, кои не се први во изминатоте пет години, објаснувајќи дека не станува збор за ослабнување на британската воена моќ, туку за преуредување на армиските сили и за нивно прилагодување на модерното војување.