Британија доби војвода и војвотка од Сасекс

Британскиот принц Хари и американската актерка Меган Маркл го кажаа судбоносното „да“ во капелата во дворецот Виндзор.

Меган до олтарот ја испрати таткото на младоженецот, британскиот принц Чарлс.

Принцот Хари и неговата избраничка рекоа „да“ пред кантерберискиот надбискуп Џастин Велби, поглавар на англиканската верска заедница, кој ги прогласи за венчани.

Додека стоеја пред олтарот, Хари и рече на Меган: Прекрасно изгледаш.

Потоа следуваше обраќање на црниот американски бискуп Мајкл Брус Кари, а потоа беше изведена познатата песна „Stand by me“.

Младоженците, кои сега официјално ја имаат титулата војвода и војвотка од Сасекс, разменија прстени, при што Меган Маркл доби прстен од велшко злато, кој е подарок од кралицата Елизабета, додека бурмата на принцот е од платина.

Надбискупот ги прогласи венчани, по што се заколнаа дека „ќе се сакаат и ќе се грижат еден за друг додека смртта не ги раздели“, а целата церемонија ја следеше песна од хор заедно со оргули и други музички инструменти.

Црквата беше украсена со бели ружи, омиленото цвеќе на покојната мајка на Хари, принцезата Дајана.

Најмладата сестра на принцезата Дајана, Џејн Фелоус, одржа пригоден говор на венчавката.

Принцот Хари и принцезата Меган од денеска официјално се војводата и војвотката од Сасекс, по одлука на кралицата Елизабета Втора која им ги додели тие титули.

Церемонијата почна откако британската кралица Елизабета Втора, во придружба на принцот Филип, и принцот Чарлс и војвотката Камила пристигнаа во црквата. Претходно, принцот Хари, кој е шести по ред за наследство на британскиот престол, пристигна во друштво на братот и кум, принцот Вилијам.

Меган, во меѓувреме, во Виндзор пристигна со лимузина со својата мајка Дорија Рагланд.

Невестата носеше бела венчаница, тијара со дијаманти и вел, а ноќта ја помина во луксузен хотел со својата мајка, додека младоженецот престојуваше во друг хотел со својот брат, принцот Вилијам. Венчаницата на Маркл е креација на британската дизајнерка Клер Вејт Келер, која минатата година стана прв женски директор во познатата француска модна куќа „Живанши“. Меѓу десетината деца кои го држеа долгиот вел на невестата беа внуците на Хари, Џорџ (4) и Шарлот (3) – деца на принцот Вилијам и војвотката од Кембриџ.

На церемонијата присуствуваа околу 600 гости, меѓу кои имаше и познати личности од јавниот живот, но и обични граѓани. Телевизискиот пренос од венчавката го следеа гледачи во целиот свет.

Приврзаниците на денеска склучениот брак се надеваат дека оваа венчавка ќе внесе доза модерен холивидски гламур во 1.000-годишната монархија, коментираат светските агенции.

Таткото на Меган Маркл, Томас, кој поради операција на срцето не можеше да присуствува на свадбата, изјави дека неговата ќерка изгледа прекрасно.

Мојата душа изгледа прекрасно и изгледа многу среќно. Би сакал да бев таму и им ја посакувам целата љубов и среќа, изјави Томас Маркл за американскиот портал ТМЗ, кој во моментов се наоѓа во Калифорнијa.

Тој ја следел венчавката на телевизија, и рече дека церемонијата била „емотивна и радосна“.

И во Америка се славеше британската кралска венчавка. Во повеќето пабови, но и во луксузни хотели, Американците во целата земја славеа и наздравуваа по повод кралската венчавка.

Во некои делови на САД, граѓаните се собирале и пред да се раздени. Во Њујорк е организирана прослава во хотелот Плаза, каде се појавиле луѓе со шапки и тијари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.