Британија го разгледува руското барање за посета на Јулија Скрипал, прегледот на авионот „рутински“

Британската влада го разгледува руското барање за дозвола за посета на Јулија Скрипал, која закрепнува во болница по нападот со нервен агенс врз неа и нејзиниот татко Сергеј поранешен двоен шпион, додека истовремено министерот за безбедност во одговор на руската дипломатска нота, петочниот преглед на авионот на руската воздухопловна компанија „Аерофлот“ на лондонскиот аеродром Хитроу ја нарече „рутински проверка“ на пограничната полиција.

„Ја разгледуваме можноста за одобрување на барањето за дипломатски пристап во согласност со нашите обврски и во согласност со меѓународниот и домашниот закон, а тоа се однесува и на правата и на желбите на Јулија Скрипал“, изјави портпаролката на британското министерство за надворешни работи.

Руската амбасада во Лондон во петок во твит обелодени дека „инсистира на правото да ја посети“ Јулија Скрипал, која е руска државјанска и ќерка на поранешниот шпион.

Болницата во англискиот јужен град Солсбери, во којашто се лекува 33-годишната Јулија Скрипал, во четвртокот извести дека нејзината здравствена состојба „рапидно се подобрува“, дека е при свест и е во состојба да зборува. Нејзиниот 66-годишен татко Сергеј Скрипал, разменет во 2010 година за Руси обвинети во САД за шпионажа и други дела, и натаму е во кома, но во стабилна состојба.

Руското министерство за сообраќај во саботата објави дека Москва од Лондон ќе бара официјално објаснување за претресот на авионот на руската компанија „Аерофлот“ на лондонски Хитроу, пред полетувањето за Москва, кој беше извршен во петокот вечерта. Притоа се закани со реципрочни мерки за британските авиони.

Претставници на „Аерофлот“ соопштија дека британските власти не им го објасниле потегот, поради што руската амбасада со дипломатска нора од Велика Британија побара објаснување.

Лондон потоа во саботата извести дека станува збор за наводно рутинска контрола на пограничната полиција.

„Станува збор за рутинска проверка на пограничната полиција, а целта беше да ја заштити Велика Британија од организираниот криминал и од настојувањата во земјата да се внесат штетни супстанции како дроги или огнено оружје. Откако е спроведена проверката дозволено е продолжување на летот на авионот“, се наведува во соопштението на Бен Волас, министер за безбедност и економски криминал при министерството за внатрешни работи, иако станува збор за лет кон Москва.