Британската централна банка итно интервенираше за да спречи економска криза

Британската централна банка презеде итни мерки за стабилизирање на домашниот финансиски пазар со цел да се избегне криза на пошироко економско ниво.

Претходно, владата во Лондон, на чело со новата премиерка Лиз Трас, ги преплаши инвеститорите со програма за намалување на даноците што нема да се компензира со други избори, поради што фунтата драстично ја загуби вредноста, а националниот долг се зголеми.

Банката на Англија предупреди дека падот на довербата во економијата претставува „опиплив ризик за финансиската стабилност на Велика Британија“, а Меѓународниот монетарен фонд прибегна кон ретко користена мерка – ја повика Групата седум (Г7) на најразвиените светски економии да се откажат од националните планови за намалување на даноците и дополнително задолжување за покривање на трошоците.

Банката најави дека во следните две недели ќе купува долгорочни државни обврзници, а мерките се насочени кон долгорочни државни заеми.

Премиерката Трас објави пакет за економски стимулации кој вклучува план за намалување на даноците од 45 милијарди фунти без ограничувања за трошењето. Планот опфаќа заштита на домаќинствата и бизнисмените од последиците од поскапувањето на енергенсите. Овие мерки ги загрижија инвеститорите поради можноста за зголемување на државниот долг и ескалација на инфлацијата, која веќе е на годишно ниво од 9,9 отсто – највисоко во последните 40 години.

По објавувањето на новите мерки, британската фунта во понеделникот падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот.

Приносите на 10-годишните државни обврзници се зголемија за 325 отсто оваа година, што драстично ги зголеми трошоците за напорите на владата да се задолжи за спроведување на нејзините политики.