Британската цивилна авијација ќе враќа туристи кои поради Томас Кук не можат да си дојдат дома

Британското цивилно воздухопловство денеска соопшти дека предвиделе 70 летови за итни случаи со кои треба да се вратат 16.500 туристи во земјата, откако најстарата светска туристичка компанија Томас Кук прогласи банкрот.

Агенцијата најави банкрот во понеделникот по неуспешните преговори со доверителите, оставајќи незгрижени повеќе од 600.000 туристи кои имаат резервирано одмори или веќе се на годишен одмор во различни земји низ целиот свет.

Поради пропаѓањето на туристичкиот оператор формиран пред 178 години, стотици илјади патници се „заробени“ на дестинации ширум светот, додека „филијалите“ во други земји бараат помош, а хотелиерите во многу дестинации се загрижени за можното намалување на туристите.

Околу 14.700 туристи вчера се вратиле во Велика Британија, а уште 135.300 се уште се очекува да се вратат во земјата во наредните 13 денови.