Британската министерка Рад поднесе оставка, може да ја следи уште еден колега

Најмалку шест члена на владата на британскиот премир Борис Џонсон ги споделуваат ставовите на министерката за труд и пензиски систем Амбер Рад, која доцна ноќта во саботата ја објави својата оставка во услови на криза во владејачката Конзервативна партија во врска со процесот на истапувањето на Обединетото Кралство од членството во Европската унија.

Ваквата информација во ноќта кон неделата ја објави весникот The Sunday Times, според кој уште еден неименуван член на владиниот кабинет размислува да го следи примерот на министерката Рад.

Весникот го објави видео-обраќањето на Рад во кој таа се жали на неподготвеноста на владата да склучи соодветен договор со ЕУ, што би го спречило брегзитот без договор.

„За жал, бев разочарана од недостигот од напор и подготовка за договор со Европската унија. Знаев и признавав дека премиерот треба да има опција за напуштање на ЕУ без договор, нбо се надевав дека главната цел на владата е да го склучи тој договор. Во моментов се прават многу нешта за подготовка за излегување без договор и недоволно за негово склучување“, рече Рад.

Нејзината изјава е во спротивност со уверувањата на премиерот Џонсон дека е постигнат напредок во преговите со ЕУ за брегзитот во текот на последните неколку седмици. Истовремено, на прашање на опозицијата, тој не појасни по кои важни прашања имало напредок во придвижувањето на преговорите од мртвата точка. Истовмремено од Брисел признаваат дека разговорите со Лондон се во ќорсокак.

Рад, исто така, во саботното обраќање рече дека ја напушта Конзервативната партија во знак на протест поради исклучувањето на 21-от пратеник, меѓу кои и неколку поранешни министри. Тие беа исклучени од редовите на „ториевците“, поради поддршката во парламентот по предлог-законот на опозицијата за одложување на брегзитот со што му нанесоа голем удар на премерот Џонсон.

„Видов дека 21 од моите колеги … беше исклучен од партијата. Тоа значи дека Конзервативната партија…. повеќе не е место за оние кои имаат различни гледишта во однос на ЕУ. Не можам да се помирам со тоа, и поради тоа донесов одлука да го напуштам кабинетот, а исто така и да го вратам членството во Конзервативната партија и да се присоединам кон нив“, додаде сега веќе поранешната минситерка Рад.

Велика Британија требаше да ја напушти Европската унија на 29-ти март годинава, две години по доставувањето на писменото известување за истапувањето од Унијата како резултат на исходот од референдумот на 23-ти јуни 2016 година на кој победи опцијата за раздружувањето. Меѓутоа, членовите на Долниот дом на британскиот парламент трипати го отфрлија нацрт-договорот за условите за раздружувањето кои по тешки преговори со Брисел го постигна поранешната премиерка Тереза Меј, која поради тоа отстапи и од премиерскатра должност и од лидерската позиција во Конзервативната партија. Поради тие турбуленции во Лондон, ЕУ се согласи со одложување на брегзитот на 31-ви октомври, но сега британските пратеници бараат одложување до 20-ти јануари 2020 година.